сабота, 3 февруари 2007 г.

Багер

Багерот е омилено возило на секоја наша влада.

А посебно на министерството за култура и на министерството за транспорт и врски. Сигурно се прашувате, што збори сега овој? Само трпение драги мои.

Случај 1.
Министер за култура во претходната влада, уживаше во глетката (да знаеше да вози багер, можда ќе уживаше и во возењето) на една скопска депонија, кога со багер ги газеа гордо запленетите "пиратски" дискови (двд изданија, музички дискови итн.). Некоја чудна среќа извираше од неговото лице, а очите му беа исполнети со задоволство. Сигурно си зборел во себе, ете го и мојот допринес во борбата против гадните пирати.

Случај 2.
Министер за транспорт и врски од актуелната влада како да се натпреварува со неговите претходници, кој ќе даде поголем допринес во борбата против урбаната мафија, со тоа што користејќи го багерот, ќе изруши повеќе дивоградби. Плус, на него се надополнува, еден луд градоначалник на една скопска општина. Зошто луд? Па дали нормален човек, прво ја одбива понудата од сопствениците на становите (во некоја спорна зграда), тие самите да ги платат комуналиите, почнува да ја руши зградата, па после два дена се предомислува, и вика добро нека се платат комуналиите. А зградата? Па, таа остана без доста ѕидови.


Си го поставувам клучното прашање - од каде таква желба за деструкција?
Можеби Фројд, и неговата дружина на психоаналитичари ќе можат да дадат одговор. Јас не го знам. Едноставно не знам зошто мора да се уништува и само да се уништува.

Зарем во случајот со нелегалните дискови, тие не можеа да бидат подарени на домовите за деца без родители. Или пак да се поделат на разни здруженија на граѓани, се со цел да се подигне нивото на писменост и информираност. За мене е подобро, да има подостапни (па макар и нелегални) изданија и повеќе писмен и информиран народ, отколку обратно. Едноставно, како на некој да му одговара, народот да биде помалку писмен и да биде држен во информативна темница.

Околу случајот со рушењето на дивоградбите. Ако веќе мора да се руши, нека биде тоа на самиот почеток, кога се копаат темелите. Кога веќе е изградена зградата, убеден сум дека постојат други решенија покрај тоа истата да се сруши. На пример, зошто таквите згради не се легализираат за страшно големи износи или пак едноставно не се конфискуваат и искористат за плановите за социјални станови.

Но не, полесно е да се руши и уништува.

1 коментар:

Анонимен рече...

Околу рушењето на дивоградбите мислам дека ситуацијата е малку покомплицирана.

Од една страна, властите (локални или централни) мора да обезбедат владеење на правото. Било каков компромис, во тој случај може да се земе како лош сигнал, кој може да поттикне кршење на правото и во иднина.Воедно, секоја идна одлука за рушење е арбитрарна, бидејќи ќе биде во колизија со претходна пракса на компромис иако било прекршено правото.

Од друга страна, разбирливо е дека „национализација“ на определен објект би бил ефтин начин како да се обезбедат социјални станови или ефтино сместување на организации на цивилното општество.

Но, тука постои проблем. Прекршувањето на градежните правила значи дека таков објект не смее да постои. Врз база на што ќе се оправда постоење на таков објект (вон правилата) сега во сопственост на државата или локалната самоуправа?

Идејата за социјална политика на власта која ќе обезбеди ефтино (во смисол социјално прифатливо) сместување е добра. Но мислам дека ја упатуваш на погрешен начин. Потребно е самата власт да креира и спроведува социјална политика а не да искористува маргинални активности, дури и правно проблематични.